На ден 26.08.2022, на барање на СУТКОЗ и синдикалните организации на СТБЕ и ДТБЕ при Балкан енерџи гурп во присуство на претседателот на ССМ Дарко Димовски и претседателите на синдикалните организации Ненад Рашовиќ и Коста Ристевски, во просториите на Регулаторна комисија за енергетика на РСМ се одржа работен состанок со Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

РКЕ како единствен орган кој е задолжен за издавање на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија од една страна и синдикатот на вработените од друга страна ја разгледаа новонастанатата состојба во енергетскиот сектор со одземените лиценци од БЕГ.

Беше констатирано дека за да се обезбеди сигурно дистрибуирање на топлинска енергија во системот за централно греење потребно е новиот носител на лиценца да ги превземе вработените кои се професионални, стручни и со долгогодишно исклуство во областа на енергетскиот сектор односно да нема престан во работниот однос. Притоа водејќи се од економската криза обврска на институциите е да се грижат за основните права на своите граѓани, да нема кратење на платите, земајќи ги во предвид при потпишувањето на новите договори, работното искуство и соодветното образование на вработените.

Истовремено, претседателот на СУТКОЗ и ССМ ја искористи средбата и побара од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика да се интервенира со субвенции во секторите угостителство, туризам, услужни дејности, комунални дејности, занаетчии и заштитни работилници и секаде онаму каде што ССМ има членство за надминување на ценовните шокови од зголемување на електричната енергија за егзистенција и зачувување на работните места на работниците.