ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА И ЗАЕДНИЧКО ДЕЛУВАЊЕ
Со цел за унапредување и зајакнување на синдикалното движење , на 22.03.2016 година, во Скопје, Синдикатот на СУТКОЗ на РМ , заедно со уште три синдикати потпиша Меморандум, за потесна соработка и градење на заеднички ставови по прашања од заеднички интерес. Преставниците на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално - стамбено стопанство и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ) , Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударство во РМ (СИЕР), Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), и Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ), тргнувајќи од потребата за:
- Враќање на синдикалното движење во Македонија кон изворните постулати на синдикализмот, неговата поширока промоција и популаризација;
- Зачувување и јакнење на Сојузот на синдикати на Македонија како водечки бренд на синдикалното движење во државата;
- Окрупнување на синдикатите, сеопфатно подигање и јакнење на нивните капацитети и подигање на свеста за синдикалната солидарност;
- Деполитизирање на синдикатот и отстранување на секаква можност за партиски и дневно-политички влијанија врз синдикалните политики и делување;
- Подобрување и проширување на синдикалната понуда кон членовите на синдикатите.
Четирите синдикати потпишувајќи го меморандумот се обврзаа дека:
- Тесно ќе соработуваат и ќе градат заеднички ставови по прашања од заеднички интерес за своите членови, во рамките на статутарните и програмски регулативи;
- Заеднички ќе работат на натамошна изградба на свеста кај членовите за потребата од синдикална солидарност, која ќе се потврдува низ заедничко учество во синдикални активности;
- Меѓусебно ќе си пружаат секаква стручна, кадровска и друга помош по прашања од областа на економска, правна или друга експертиза, едукација на членството и слично;
- Заеднички ќе се спротивставуваат на растечките тенденции за намалување и укинување на постојните работнички права во законската регулатива, на непотпишување и непочитување на колективните договори;
- Во услови кога расте негативниот пристап кон синдикатот од страна на институциите, со поенергична синдикална борба ќе се залагаат за враќање на достоинството на работничката класа во Македонија и за ревитализација на синдикалното движење во целина.
Овој Меморандум е отворен за сите синдикати кои ќе сакаат да пристапат за заедничка реализација на поставените цели.

